Пандемијата на коронавирусот продолжува да се засилува, при што бројот на заразени се дуплирал во изминатите шест недели, објави Светската здравствена организација. За само четири дена, бројката пораснала за еден милион.
Генералниот директор Тедрос Адханом Гебрејесус кажа дека досега низ светот се регистрирани повеќе од 16 милиони случаи на коронавирус, а починале 640.000 луѓе. Ова следува неполни шест месеци откако СЗО прогласи здравствена вонредна состојба од меѓународен карактер, за која вели дека е најсериозна досега.
„Ковид-19 го промени нашиот свет. Тој ги зближи луѓето, заедниците и народите, но исто така и ги подели. Ние не сме заробеници на пандемијата, секој од нас може да направи разлика. Иднината е во наши раце, но пред нас е уште долг пат“, изјави Гебрејесус.
Америка останува епицентар на пандемијата, но нови кластери се појавуваат во голем број држави, како Кина, Шпанија и Австрија, додека Австралија и Хонгконг забележаа рекорден дневен пораст на бројот на нови случаи.