Бројот на заразени со мали сипаници во Европа се зголемил за трипати меѓу 2017 и 2018 година, при што се регистрирани вкупно 82.596 случаи, објави Светската здравствена организација (СЗО). Во 2017 имало 25.863 случаи.
Иако степенот на вакцинацијата се подобрува, СЗО вели дека покриеноста не е доволно висока за да се спречи ширењето на вирусот.
Украина е на врвот на оваа листа со повеќе од 53.000 заразени минатата година, дури десет пати повеќе од Србија (5.076 случаи). Повеќе од 90% од случаите отпаѓаат на десет држави. Лани имало 72 починати од сипаници, наспроти 42 во 2017.
На третото место според бројот на заразени минатата година е Израел (2.919), па следуваат Франција, Италија, Русија, Грузија, Грција, Албанија и Романија.
„Сликата за 2018 кажува дека сегашното зголемување на нивото на имунизација е недоволно за да се спречи ширењето на сипаниците. Сега имавме рекордна бројка заразени и починати, што значи дека празнините на локално ниво оставаат простор за ширење на заразата“, изјави директорката на СЗО за Европа Зузана Јакаб.