Бугарија од 10 јули ќе ја ограничи работата на баровите, дискотеките и пијано баровите поради последното ширење на коронавирусот и тие ќе можат да примаат гости само на отворено. Истовремено ќе бидат забранети сите собири со повеќе од 30 луѓе, при што владата нагласи дека тоа се однесува и на свадби, крштевки и други семејни забави.
Министерот за здравство Кирил Ананиев кажа дека сите спортски натпревари ќе се играат без присуство на публика, а летните тераси на угостителските објекти ќе можат да работат со половичен капацитет.
„Се надеваме дека новите мерки ќе го свртат трендот од изминатите денови кога имавме постојано зголемување на бројот на заразени со коронавирус. Тоа покажува дека сме ја потцениле ситуацијата. Добрата вест е што имаме голем број излекувани“, изјави Ананиев, додавајќи дека ќе бидат засилени контролите.
Во Бугарија вчера беа регистрирани 188 нови случаи на коронавирус, најмногу во последните 10 дена.