БУГАРИЈА И РОМАНИЈА ОСТАНУВААТ НАДВОР ОД ШЕНГЕН ЗОНАТА ПОРАДИ ЦВРСТОТО ПРОТИВЕЊЕ НА АВСТРИЈА

    БУГАРИЈА И РОМАНИЈА ОСТАНУВААТ НАДВОР ОД ШЕНГЕН ЗОНАТА ПОРАДИ ЦВРСТОТО ПРОТИВЕЊЕ НА АВСТРИЈАВо изминатиот период, неколку членки на ЕУ ги вратија граничните контроли со цел да се справат со напливот на мигранти (Фото: Шатерсток)

    Австрија и натаму цврсто се спротивставува на приклучувањето на Бугарија и Романија кон Шенген зоната, истакнувајќи дека таа прво треба да стане подобра, а потоа поголема. Противењето на Австрија е добро познато веќе со години и уште еднаш беше повторено во пресрет на денешната средба на министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ.

    „Шенгенот мора да стане подобар, а не поголем. Јас и натаму не гледам напредок на тој план и затоа не можам да замислам да има промени“, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.

    Според него, бројот на граничните контроли што европските земји ги воведоа во изминатите месеци е доволно силна причина да се спречи натамошно проширување на Шенген зоната. Таа моментално вклучува 27 држави, од кои 23 се членки на ЕУ и над 423 милиони жители.

    Поради непроменетата позиција на Австрија, актуелниот претседавач на Европскиот совет, Шпанија, мораше да ја промени агендата на министерскиот состанок во Брисел. Претходно беше најавено дека на состанокот ќе се гласа и за апликацијата на Бугарија и Романија за прием во Шенген зоната, кои чекаат на тоа уште од 2007.

    Во изминатиот период, владите на Австрија, Германија, Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Италија и Данска ги вратија граничните контроли со цел да се справат со напливот на мигранти. Во првите десет месеци од 2023, ЕУ регистрирала речиси 331.000 илегални преминувања на границата, најмногу од 2015, од кои половина преку централната медитеранска маршрута.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира