БУГАРИЈА ЌЕ ПРОГЛАСИ ДЕН НА ЖАЛОСТ ПОРАДИ ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ, СИТЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ВО БУГАРСКИТЕ БОЛНИЦИ СЕ ВО СЕРИОЗНА СОСТОЈБА

    БУГАРИЈА ЌЕ ПРОГЛАСИ ДЕН НА ЖАЛОСТ ПОРАДИ ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ, СИТЕ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ВО БУГАРСКИТЕ БОЛНИЦИ СЕ ВО СЕРИОЗНА СОСТОЈБАБугарија го испрати својот воен авион „Спартан“ за превоз на повредените (Фото: бугарска влада)

    Сите повредени во вчерашниот пожар во дискотеката во Кочани кои се превезени на лекување во Бугарија се во сериозна состојба, објавија од болницата „Пирогов“ во Софија. Во оваа болница се примени осуммина пациенти, од кои три деца на возраст од 15 и 16 години. Највозрасниот пациент е 31-годишен маж.

    „Сите се сместени на одделот за интензивна нега на Клиниката за изгореници. Сите се во сериозна состојба со изгореници, а вдишале и отровен гас. Примените пациенти се во термален шок повеќе од 24 часа“, изјави директорот на болницата Валентин Димитров.

    Покрај Србија, и Бугарија ќе го прогласи 18 март за ден на жалост поради трагедијата во Кочани.

    „Во вакви моменти најважно е да се покажат емпатија и солидарност. Бугарија е подготвена да прифати уште жртви“, рече премиерот Росен Жељазков.

    Неколкумина пациенти се префрлени во болници во Варна и Пловдив. Бугарија најави дека ќе прими вкупно 14 сериозно повредени.

    „Ноќеска примивме осуммина пациенти. Тројца се интубирани, за останатите се прават проценки што да се прави. Повредите се изгореници на телото, рацете, лицето. Сите имаат и изгореници на горниот и долниот респираторен тракт од вдишувањето, што е многу сериозна состојба“, рече Димитров, додавајќи дека ќе биде преземено сѐ што биде неопходно.

    Од болницата исто така повикаа да се донира крв за жртвите.

    Македонскиот министер за здравство Арбен Таравари утрово објави дека во Македонија се хоспитализирани 84 лица, а во странство ќе се лекуваат 51 пациент, вкупно 135. Седуммина малолетници се меѓу хоспитализираните. Досега е потврдено дека во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани починале 59 луѓе.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира