БУГАРИЈА ПО ОСУМ МЕСЕЦИ ДОБИ ВЛАДА, КИРИЛ ПЕТКОВ ИЗБРАН ЗА НОВ ПРЕМИЕР

    БУГАРИЈА ПО ОСУМ МЕСЕЦИ ДОБИ ВЛАДА, КИРИЛ ПЕТКОВ ИЗБРАН ЗА НОВ ПРЕМИЕРПетков вети дека ќе ги засили разговорите со Македонија (Фото: Медијапул)

    Бугарските пратеници денеска го избраа Кирил Петков за нов премиер и ги одобрија предложените министри од неговата широка коалиција, со што земјата по осум месеци конечно доби регуларна влада. Петков, чија партија Ја продолжуваме промената (ПП) пред еден месец победи на третите парламентарни избори оваа година, обезбеди чисто мнозинство од 134 гласови за владејачката коалиција, во која уште се Социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.

    Мотото на новата влада е „Нула толеранција за корупцијата“.

    „Оваа коалиција е заснована на длабока антикорупциска програма. Ќе инсистирам на откривањето на корупцијата од највисоките до најниските нивоа. Денеска е важен ден за продолжување со промената. Нашата прва задача е да сфатиме дека ако сакаме подобра иднина за Бугарија, мора да работиме заедно“, изјави 41-годишниот Петков.

    Покрај корупцијата, новата влада ќе треба да ја води Бугарија низ неколку други актуелни предизвици, како високите цени на струјата и ниската стапка на вакцинирање против ковид-19 и да ја подготви економијата за влез во еврозоната во 2024 година.

    Петков вети дека ќе ги засили разговорите со Македонија за да се реши историскиот спор, поради кој Софија го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира