БУГАРИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА ХОЛАНДИЈА СО ОДМАЗДНИЧКИ МЕРКИ АКО СТАВИ ВЕТО ЗА БУГАРСКОТО ЧЛЕНСТВО ВО ШЕНГЕН

    БУГАРИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА ХОЛАНДИЈА СО ОДМАЗДНИЧКИ МЕРКИ АКО СТАВИ ВЕТО ЗА БУГАРСКОТО ЧЛЕНСТВО ВО ШЕНГЕНБугарскиот технички премиер Галаб Донев. (Фото: Бугарска влада)

    Бугарската техничка влада вели дека има подготвени одмазднички мерки ако Холандија и Австрија стават вето за бугарското членство во Шенген, вели премиерот Галаб Донев. Тој сепак се надева дека во наредните неколку дена „ќе надвладее разумот“.

    „Силно се надеваме дека нема да имаме таква потреба. Напротив, веруваме дека разумот и позитивната волја на огромното мнозинство од земјите членки ќе надвладеат“, изјави Донев без да открие за какви одмазднички мерки станува збор.

    Минатиот месец, бугарските медиуми објавија дека ако Холандија ја блокира Бугарија за влез во Шенген зоната, можно е да не го добие раководењето со Европската агенција за гранична контрола Фронтекс.

    „Заканата е целосно сериозна“, додаде бугарскиот министер за правда Крум Зарков.

    Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, пак, кажа дека Холандија бара нешто што не може да го добие.

    Холандија викендов соопшти дека ќе го блокира обидот на Бугарија да се приклучи на безвизната Шенген зона на Европската унија. Холандија смета дека е „сè уште прерано“ за влез на Бугарија во Шенген зоната, рече вицепремиерот Вопке Хоекстра по седницата на владата во Хаг. Холандската влада ќе се согласи со пристапувањето на Романија и Хрватска, додаде Хоекстра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира