Бугарска банда украла 54 милиони фунти од британските даночни обврзници, откако за пет години поднела илјадници лажни барања за социјална помош, што е опишано како најголема измама од ваков тип во Англија и Велс.
Британските медиуми објавија дека Галина Николова (28), Стојан Стојанов (27), Цветка Тодорова (52), Ѓунеш Али (33) и Патриција Панева (26) го користеле системот за бенефиции како банкомат за да го финансираат својот раскошен стил на живот. Снимки земени од станот на еден од обвинетите покажуваат како тој се расфрла со банкноти од 20 фунти, пари со кои купувале дизајнерска облека, одмори, скапи часовници, па дури и спортски автомобил „ауди“.
Во еден стан се пронајдени 750.000 фунти во готовина, заедно со лажни и фалсификувани документи.
Петчлената банда поднела околу 6.000 лажни барања за социјална помош меѓу 2016 и 2021 година. Во рамките на истрагата, полицијата открила и три „фабрики за бенефиции“ во Лондон, каде што постојано биле поднесувани лажни барања. Членовите на бандата се изјаснија како виновни за измама и перење пари.
„Овој случај е најголемата измама со бенефиции што некогаш бил изведен пред судовите во Англија и Велс. Ова беше постојан напад на систем кој треба да ги заштити најранливите во нашето општество. Наместо тоа, оваа банда го користеше како банкомат за да го финансира својот раскошен начин на живот“, изјави обвинителот Бен Рид.