БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ЈАНЕВ НЕ САКА ДА СЕ КОРИСТИ ЗБОРОТ „ВОЈНА“ ЗА РУСКАТА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА ЗАТОА ШТО ПУТИН ТАКА ВЕЛИ

    БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ЈАНЕВ НЕ САКА ДА СЕ КОРИСТИ ЗБОРОТ „ВОЈНА“ ЗА РУСКАТА ИНВАЗИЈА НА УКРАИНА ЗАТОА ШТО ПУТИН ТАКА ВЕЛИМинистерот Јанев тврди дека никаде во официјалниот јазик на НАТО и ЕУ нема документ во кој се користи зборот „војна“. (Фото: Фејсбук)

    По критиките и повиците да поднесе оставка поради тоа што не сака да се користи зборот „војна“ за рускиот напад на Украина, бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев уште повеќе се заплетка во обид да се оправда. Во интервју за бугарската национална телевизија, тој рече дека се повикал на рускиот претседател Владимир Путин.

    „Не го користам зборот ‘војна’, се повикав на тоа што го зборува претседателот Путин и се повикав на фактот што користењето на зборот ‘војна’ треба да е многу специфично и одговорно“, кажа Јанев, кој претходно беше и премиер во една од техничките влади минатата година.

    Премиерот Кирил Петков јасно кажа дека е запрепастен од изјавата на Јанев.

    „Каков збор војна, тие уништија една третина од украинската армија, тука единствено што лета се ракети, Руската федерација бомбардира независна држава. Не можеме да зборувме за баланс на моќта тука, овие луѓе ја нападнаа Украина“, вели Петков.

    Јанев тврди и дека никаде во официјалниот јазик на НАТО и ЕУ нема документ во кој се користи зборот „војна“.

    Но, бугарските медиуми веднаш го демантираа, објавувајќи извадоци од соопштенија на НАТО, каде што Путин се повикува да прекине со „безумната војна“.

    Дополнително, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во неколку наврати кажа дека Путин ја вратил војната во Европа.

    Во Русија е забрането да се користи зборот „војна“, бидејќи официjaлниот назив е „специјална воена операција“.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира