ЧАДОТ ОД ШУМСКИТЕ ПОЖАРИ ВО СИБИР ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА СТИГНАЛ ДО СЕВЕРЕН ПОЛ

    ЧАДОТ ОД ШУМСКИТЕ ПОЖАРИ ВО СИБИР ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА СТИГНАЛ ДО СЕВЕРЕН ПОЛСателитски снимки покажале дека чадот патувал повеќе од 3.000 километри од Јакутија (Фото: Гети)

    Чадот од шумските пожари во Сибир првпат во историјата стигнал до Северен Пол, додека руските власти предупредуваат дека ситуацијата се влошува. Сибир во изминатите години редовно беше погодуван од уништувачки пожари, што властите го поврзуваат со климатските промени и со лошото државно управување со шумите.

    Еден од најтешко погодените региони е Јакутија, најголемиот и најстуден руски регион, каде што се регистрирани рекордно високи температури и најголемата суша во последните 150 години.

    „Ситуацијата во регионот продолжува да се влошува. Во регионот гори површина од речиси 3,4 милиони хектари, вклучувајќи зафрлени области кои се тешко достапни“, објави рускиот метеоролошки институт Росгидромет.

    НАСА викендов објави дека сателитски снимки покажале дека чадот патувал повеќе од 3.000 километри од Јакутија, достигнувајќи го Северниот Пол, што досега не е забележано. На 6 август, огромен дел од Русија бил покриен со чад. Пожарите досега ослободиле 505 мегатони јаглероден диоксид во атмосферата, а од сезоната на пожари има уште неколку недели.

    Според руската агенција за шуми, годинава била опожарена површина од 14 милиони хектари, што е втората најлоша сезона на пожари од почетокот на векот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира