Чеченскиот тинејџер кој му ја отсече главата на учител во Франција чекал пред училиштето и барал од учениците да ја идентификуваат неговата мета, кажа државниот обвинител за антитероризам Жан-Баптист Рикард.
Убиецот е идентификуван како 18-годишниот Абдула А., кој како дете добил бегалски статус во Франција и досега не бил поврзуван со тероризам. По убиството, тој на социјалните мрежи објавил фотографии од својата жртва, 47-годишниот Самуел Пати, кој на своите ученици им покажувал контроверзни карикатури на пророкот Мухамед кога им предавал за слобода на изразувањето.
Убиството се случи вчера во 17 часот во гратчето Конфлан-Сент-Оноран, 30 километри северозападно од Париз и претседателот Макрон го опиша како „исламистички терористички напад“. Убиецот набргу потоа беше убиен од полицијата откако одбил да се предаде. Покрај него бил пронајден нож од 30 сантиметри.
„Напаѓачот отишол до училиштето и ги прашувал учениците да му го покажат учителот. Тој го следел Пати кој одел пешки накај дома, по што му задал неколку убоди во главата и ја отсекол“, изјави Рикард.
Тој додаде дека Пати во изминатите денови добил смртни закани.