ЧЕШКИТЕ ГЛАСАЧИ ГИ ИЗБРКАА КОМУНИСТИТЕ ОД ПАРЛАМЕНТОТ ЗА ПРВПАТ ОД 1948

    ЧЕШКИТЕ ГЛАСАЧИ ГИ ИЗБРКАА КОМУНИСТИТЕ ОД ПАРЛАМЕНТОТ ЗА ПРВПАТ ОД 1948Лидерот на Комунистичката партија, Војтех Филип, поднесе оставка по дебаклот на изборите (Фото: ЧТК)

    Чешките гласачи ги избркаа комунистите од парламентот за првпат од завршувањето на Втората светска војна, гласајќи против партијата чии претходници владееја со земјата од 1948 до Кадифената револуција во 1989 година, која ги најави демократските промени. Иако во ерата на комунистичкиот режим биле затворени и репресирани десетици илјади луѓе, Комунистичката партија цело време остана во парламентот.

    На изборите кои завршија вчера, Комунистичката партија на Бохемија и Моравија освои само 3,62% гласови, помалку од потребните 5% за влез во парламентот, што може да биде последно поглавје за партијата, чие членство значително се намалуваше во изминатите години.

    „Тоа многу ме радува, но доаѓа предоцна. Покрај кинеската и кубанската, таа е една од последните комунистички партии на светот која го задржа тоа име. Другите барем се преименуваа или почнаа да се однесуваат поинаку“, вели некогашниот дисидент Јан Грунторад, кој бил затворен од 1981 до 1985 година.

    По 1989, Комунистичката партија се обидуваше да ги привлече постарите Чеси и работничката класа, но никогаш не успеа да ги придобие помладите гласачи и да се ослободи од своето минато. Таа доби поголемо влијание во 2018, кога досегашниот премиер Андреј Бабиш се потпре на нејзината поддршка за да фомира малцинска влада со Социјалдемократите.

    Лидерот на Комунистичката партија, Војтех Филип, поднесе оставка по дебаклот на изборите.

    Опозициската група Заедно ја победи партијата на милијардерот Бабиш на изборите и вети дека ќе формира влада. Заедно и другата опозициска коалиција Пирати и независни градоначалници освоија вкупно 108 од можните 200 места во долниот дом на парламентот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира