ЧЕТВОРИЦА ТАЏИКИСТАНЦИ ОБВИНЕТИ ЗА ТЕРОРИЗАМ И УБИСТВО НА 137 ЛУЃЕ ВО КОНЦЕРТНАТА САЛА БЛИЗУ МОСКВА

    ЧЕТВОРИЦА ТАЏИКИСТАНЦИ ОБВИНЕТИ ЗА ТЕРОРИЗАМ И УБИСТВО НА 137 ЛУЃЕ ВО КОНЦЕРТНАТА САЛА БЛИЗУ МОСКВАСудот објави дека двајца од уапсените целосно ја признале вината (Фото: АП)

    Русија покрена обвиненија против четворицата мажи за кои кажа дека го извршиле терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ близу Москва, во кој беа убиени 137 луѓе. Тие беа внесени во суд во Москва, еден во инвалидска количка, при што беа обвинети дека извршиле терористички чин.

    Исламска држава кажа дека го извела нападот и како доказ објави видеоснимка, додека некои руски функционери неосновано тврдат дека Украина е вмешана.

    Руските власти ги објавија имињата на четворицата обвинети мажи кои се по потекло од Таџикистан и сите изгледаа претепани кога се појавија во окружниот суд Басмани во Москва. Судот објави дека двајца од уапсените целосно ја признале вината. Тие ќе останат во истражен затвор најмалку до 22 мај.

    Четири вооружени лица упаднаа во полната сала „Крокус“ во предградие на Москва во петокот пред почетокот на концертот на рускиот рок бенд „Пикник“, по што почнаа да пукаат наоколу во луѓето. Тие исто така предизвикаа пожар, па дел од жртвите починале од задушување.

    Досега е потврдено дека загинале 137 луѓе, а над 100 се повредени.

    Мажите кои се појавија во судот биле уапсени во регионот Брјанск околу 14 часа по нападот. Иако Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, ниеден руски функционер не го призна ова тврдење, туку почна да се сугерира дека напаѓачите требало да избегаат во Украина, каде што имале помагачи. Украина ги отфрли овие обвинувања како апсурдни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира