Четворица луѓе се убиени во пукање што се случи во висококатница во центарот на Менхетн во Њујорк. Полицијата кажа дека 27-годишниот Шејн Девон Тамура патувал од Лас Вегас, по што влегол во деловната зграда со пушка и отворил оган во предворјето и на еден од погорните катови. Тамура се самоубил по нападот.
Мотивот не е познат. Меѓу убиените е и полицаец, кој во моментот на нападот работел како обезбедување во зградата. Останатите три жртви засега не се идентификувани.
Комесарката на њујоршката полиција Џесика Тиш изјави дека напаѓачот веднаш почнал да пука откако влегол во зградата, во која простории имаат повеќе бизниси, вклучувајќи ја Националната фудбалска лига (НФЛ). Прво го застрелал полицаецот, по што продолжил да пука наоколу.
Тамура потоа влегол во лифт и отишол на 33. кат, каде што се наоѓа седиштето на градежната компанија „Руден“. Таму продолжил да пука, убивајќи уште едно лице, пред да се самоубие.
„Мотивот на нападот засега не е познат, но напаѓачот имал документирана историја на ментални проблеми“, кажа Тиш.
Нејасно е дали Тамура имал некакви врски со Њујорк, зградата или со компанијата „Руден“. Во неговиот автомобил биле пронајдени пиштол и муниција.