Доналд Трамп е обвинет за обид за поништување на претседателските избори во 2020 во сојузната држава Џорџија, што е негово четврто обвинение оваа година.
Голема порота гласаше Трамп и уште 18 лица да бидат обвинети по 41 точка, вклучувајќи рекетирање. Тринаесет од нив се однесуваат на Трамп. Од неговата претседателска кампања изјавија дека „САД станале марксистичка диктатура од трет свет“.
Јавната обвинителка на округот Фалтон, Фени Вилис, во февруари 2021 отвори истрага против Трамп и неговите соработници за обвинувањата за мешање во изборите. Откако обвинението и официјално беше објавено синоќа, Вилис им даде можност на обвинетите доброволно да се предадат до 25 август и кажа дека планира на сите 19-мина заедно да им се суди. Меѓу нив се и бившиот адвокат на Трамп, Руди Џулијани и бившиот шеф на кабинетот на Белата куќа, Марк Медоуз.
„Обвинетите свесно и самоволно се вклучиле во заговор за незаконска промена на исходот на изборите во полза на Трамп“, стои во обвинението од 98 страници.
Најсериозното обвинение се однесува на рекетирање, што се казнува со најмногу 20 години затвор.