Членови на Црвен крст биле вклучени во шест милиони долари тежок корупциски скандал за време на епидемија на ебола, потврди организацијата.
„Бесни сме, затоа што добивме докази кои разоткриваат тешка измама за време на операциите за сузбивање на еболата во западна Африка“, изјави генералниот секретар на Меѓународната организација на црвен крст и црвена полумесечина (ИФРЦ), Џемила Мамуд.
Вирусот на ебола уби околу 11.000 луѓе во регионот меѓу 2014 и 2016 година, што покрена масовна хуманитарна акција, во којашто беа вклучени голем број меѓународни организации.
Внатрешна контрола открила можен заговор помеѓу поранешни членови на ИФРЦ и вработени во една банка во Сиера Леоне, што довело до загуба на 2,13 милиони долари. Дополнителни четири милиони долари проневериле царинските служби на Гвинеја и Либерија.