Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека никој не бил потешко повреден, но „имало повеќе насилство отколку што би сакал да види“ на вчерашниот масовен антивладин протест во Белград, опишан како најголем во историјата на земјата. И додека владата кажа дека на протестот „На 15-ти за 15-те“ имало 107.000 луѓе, независниот набљудувач „Архив на јавни собири“ процени дека се собрале меѓу 275.000 и 325.000 луѓе.
„Да не откривме оружје претходно, кој знае како ќе завршеше ова. Откривме најразлични работи и не сме сигурни дали се сме откриле“, додаде Вучиќ.
Протестот, кој требаше да заврши во 21 часот, беше прекинат еден час порано, кога студентите објавија дека од првиот инцидент, што се случи во близина на Пионирски парк, протестот повеќе не е студентски протест. Студентите соопштија дека се фрлале шишиња и камења од правец на Пионирски парк, каде што кампуваат приврзаници на Вучиќ.
„Ова беше голем протест, огромен број луѓе дојде од внатрешноста на земјата. Протестот се одржа со големи негативна енергија, гнев и бес искажани кон властите во Србија. Повредени се 56 лица, но никој тешко. Тоа е добра и голема вест. Исто така, приведени се 22 лица за напади врз имот, полицајци и други лица. Имаше повеќе насилства отколку што би сакал да видам“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека воената служба проценила дека на протестот имало 88.000 луѓе, додека полицијата кажа дека биле 107.000.
„Горд сум што 99% од студентите во блокадата не сакале инциденти. Не мислам ништо добро за нивните политички акции, но задоволен сум што не сакаа да учествуваат во насилство и што го напуштија собирот по првите инциденти“, кажа Вучиќ и ја обвини опозицијата дека повторно сакаше да ги злоупотреби студентите.
Стотици илјади луѓе дојдоа од цела Србија на протестот во Белград. Пред Собранието беа прочитани барањата на студентите, во 19 часот имаше 15 минути молк за 15-те загинати во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад лани на 1 ноември, а од 20 часот требаше да следи „најголемата бучава во Србија“.