Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати директен апел до Германија да испорача тенкови, во пресрет на денешната средба на 50 држави во американската воздушна база Рамштајн во Германија. САД, Велика Британија и неколку членки на ЕУ веќе ѝ ветија дополнителна воена помош на Украина.
Берлин се наоѓа под силен притисок да испрати германски тенкови „леопард 2“, но досега беше воздржан, сметајќи дека тоа би значело ескалација на војната. Овие тенкови се во составот на голем број европски армии, но ниедна држава не смее да ги испорача без согласност од Германија.
„Ако имате тенкови ‘леопард‘, тогаш дајте ни ги. Овие тенкови нема да одат низ Русија, туку ни требаат за да се браниме. Денеска мора да се донесат силни одлуки“, кажа Зеленски.
Велика Британија, Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Чешка вчера ветија дека ќе ја помогнат украинската војска со проектили, хаубици, противвоздушни системи, хеликоптери, оклопни возила и муниција, но клучната одлука се очекува денеска во Рамштајн.
Речиси 11 месеци од почетокот на војната, НАТО верува дека Москва планира нова офанзива напролет. Велика Британија ѝ вети 14 борбени тенкови на Украина, но таа сака повеќе.
„Сојузниците на Украина се соочуваат со едноставен избор денеска. Тенкови за Украина се тенкови за слободата“, изјави Јури Сак, советник на украинското министерство за одбрана.
Германија оваа недела навести дека испораката на тенковите е условена од американската согласност да испрати тенкови „абрамс“, што Вашингтон не планира да го направи. Новиот германски министер за одбрана Борис Писториус кажа дека позицијата на Германија наскоро ќе биде појасна.