Доналд Трамп реагираше бесно на извештаите во медиумите за потенцијални компромитирачки информации што наводно ги има собрано Русија за него цитирајќи го демантот од Кремљ. Новоизбраниот американски претседател на Твитер ги нападна „расипаните противници“ за кои вели дека сакаат да му ја поткопаат победата на изборите, ја обвини разузнавачката заедница дека намерно пушта во оптек информации за него и праша: „Дали живееме во нацистичка Германија?“.
Коментарите на Трамп доаѓаат откако шефовите на разузнавачките агенции на САД минатата недела им претставија на претседателот Барак Обама и новоизбраниот претседател Доналд Трамп резиме на непотврдени извештаи дека Русија има собрано загрозувачки и вулгарни лични информации за Трамп, според двајца функционери запознаени со брифингот.
Резимето е направено врз основа на белешки, генерирани од политички оперативци кои имаат цел да ја попречат кандидатурата на Трамп. Детали од извештаите започнаа да циркулираат уште минатата есен и беа широко познати меѓу новинарите и политичарите во Вашингтон.
Додатокот сумираше истражувачки белешки на опозицијата, подготвени главно од страна на пензиониран британски разузнавачки оперативец за една политичка и корпоративна компанија за истражување на Вашингтон. Фирмата била платена за работата прво од страна на републиканските ривали на Трамп, а подоцна од страна на поддржувачите на Хилари Клинтон. „Њујорк тајмс“ проверил голем број на детали вклучени во меморандумите, но не е во можност да ги докаже.
Белешките опишуваат секс видеа вклучувајќи проститутки и Трамп за време на посета на еден хотел во Москва во 2013 година. Видеата наводно биле подготвени како „компромат”, со можност за уценување на Трамп во иднина.
Белешките, исто така, укажуваат на тоа дека руските официјални лица предложиле разни профитабилни спогодби, како маскирани поткупи, со цел да имаат влијание врз Трамп.
Во меморандумот се опишуваат неколку наводни средби за време на претседателската кампања на 2016 година меѓу претставници на Трамп и руски официјални лица, за прашања од заеднички интерес, вклучувајќи го и руското хакирање на Демократскиот национален комитет и претседателот на кампањата на Клинтон, Џон Подеста.
Ако некои од тврдењата во меморандумите се само возбудливи, други би можеле да доведат до крајно сериозни дела.