Премиерката Мете Фредериксен изјави дека Данска и другите држави згрешиле што го намалиле нивниот буџет за одбраната и додаде дека тоа веќе никогаш не смее да се случи. Таа објави дека Данска ќе вложи шест милијарди евра во одбраната, зголемувајќи го буџетот за оваа цел од 2,4% на 3% од бруто домашниот производ.
„На Данска ѝ е потребно масовно вооружување за да избегне војна“, кажа Фредериксен.
Данска се најде под голем притисок во изминатите недели, прво од Доналд Трамп поради неговата желба да го преземе Гренланд, а потоа поради најавите од САД дека ќе ја намалат поддршката за Европа.
„Се наоѓаме во најопасната ситуација во многу, многу години. Мојата порака до данскиот шеф на одбраната е: ‘Купувајте, купувајте, купувајте!‘ Ако не можеме да ја добиеме најдобрата опрема, купете ја втората најдобра. Во овој момент, најважна е брзината“, кажа Фредериксен.
Таа предупреди дека Русија е во процес на вооружување.
„Не знаеме што Путин планира, но знаеме дека се вооружуваат“.
Фредериксен кажа дека овие шест милијарди евра ќе се искористат за брзо вложување во борбените способности и за исполнување на новите барања на НАТО.