Данска вети дека ќе ѝ ја даде на Украина целата своја артилерија и ја повика Европа да се обедини во поддршката на Киев. За време на Минхенската безбедносна конферецнија, данската премиерка Мете Фредериксен ги повика европските земји да ги донираат своите преостанати залихи на оружје, муниција и противвоздушни системи.
„Украина бара муниција и артилерија сега. Ние одлучивме да ја донираме целата наша артилерија“, изјави Фредериксен.
Таа ги критикуваше западните лидери што ги користат проблемите со производството на оружје како изговор што не ја снабдуваат Украина.
„Ова не е само прашање на производството, затоа што имаме оружје, муниција и противвоздушни системи што не ги користиме и би требало да ги дадеме на Украина“, рече таа.
Украина со недели нема добиено нова воена помош од САД поради блокадите од републиканците во Конгресот, додека нејзината војска се соочува со недостиг на муниција и луѓе на фронтот. Европската Унија претходно призна дека до март ќе успее да испорача само половина од ветените милион гранати, а остатокот би требало да стигне до крајот на годината.
„Европските држави не треба да чекаат одобрение од САД за да ја помагаат украинската војска. Ова е војна на европскиот континент и треба да се браниме“, кажа Фредериксен.
До крајот на годината, Украина треба да добие и 19 борбени авиони „Ф-16“ од Данска, за кои украинските пилоти веќе се обучуваат.