Данскиот парламент на 3 септември усвои два значајни законски предлози кои се однесуваат на странските работници и компаниите што оперираат во Данска, воведувајќи нова деловна шема базирана на колективни договори. Новата регулатива има цел да го олесни процесот за ангажирање странски кадри од 16 земји, истовремено одржувајќи ги данските работни стандарди, а примената ќе започне од 1 јануари 2027 година.
Шемата е наменета исклучиво за сертифицирани компании кои гарантираат соодветни работни услови и правичен надомест, а кои се опфатени со соодветен колективен договор. Данските компании кои сакаат да го користат овој модел најнапред мора да поминат низ процес на сертификација кај данските имиграциски власти. Меѓу основните услови за сертификација е деловниот субјект да работи најмалку две години, да има поднесено годишен извештај и во моментот на аплицирање да вработува минимум десет лица на полно работно време на неопределен рок.
Вработувањето странски државјани ќе се реализира исклучиво на позиции регулирани со признат колективен договор. За кандидатите постои и финансиски праг, според кој понудената работна позиција мора да предвидува годишна плата од најмалку 322.000 дански круни, пресметано според нивото утврдено за 2026 година.
Овие олеснети правила за вработување се однесуваат на работници кои доаѓаат од точно дефинирани трети земји со кои Данска одржува економски и трговски партнерства. Од европскиот регион на листата се наоѓаат Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Велика Британија, Украина и Молдавија. Од американскиот континент се опфатени Соединетите Американски Држави, Канада и Бразил, додека од Азиско-пацифичкиот регион се вклучени Кина, Јапонија, Австралија, Сингапур, Малезија и Индија. Сите компании кои сакаат да ангажираат работници преку оваа програма ќе мора да обезбедат целосна усогласеност со новите правила пред почетокот на нивната примена во 2027 година.



