ДЕМОКРАТИЈАТА ПРЕОВЛАДА, ОВА Е ДЕН ЗА НАДЕЖ, КАЖА ЏО БАЈДЕН ОТКАКО ПОЛОЖИ ЗАКЛЕТВА КАКО 46. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД

    ДЕМОКРАТИЈАТА ПРЕОВЛАДА, ОВА Е ДЕН ЗА НАДЕЖ, КАЖА ЏО БАЈДЕН ОТКАКО ПОЛОЖИ ЗАКЛЕТВА КАКО 46. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САДЏо Бајден со 78 години стана најстар претседател во историјата на САД (Фото: Гети)

    Џо Бајден положи заклетва пред претседателот на Врховниот суд Џон Робертс и со тоа стана 46. претседател на САД, а со своите 78 години, и најстар досега.

    „Ова е ден на Америка, ова е ден на демократијата, ден за историја и надеж! Нападот на Капитол пред две недели повторно ни покажа дека демократијата е бесценета и кршлива. Во овој момент, пријатели мои, демократијата преовлада. Денеска славиме триумф не на еден кандидат, туку на кауза, а таа кауза е демократијата“, кажа Бајден во својот говор пред зградата на американскиот Конгрес.

    Пред Бајден, заклетва положи Камала Харис, станувајќи прва жена и прв Афроамериканец на функцијата потпретседател на САД.

    Бајден ја повика нацијата да се обедини по четиригодишниот мандат на Трамп обележан со поделби.

    „Се наоѓаме во историски момент на криза и предизвик и патот кон напред е само единството. Мора да се соочиме со овој момент како Соединетите Американски Држави“, рече Бајден, додавајќи дека ќе биде претседател на сите Американци.

    Тој ја повика нацијата да направи нов почеток денеска.

    „Мора да ја отфрлиме културата во која фактите се манипулираат и дури измислуваат“.

    Над 25.000 припадници на Националната гарда, повеќе од моменталниот број американски војници во Ирак и Авганистан, ја обезбедуваа церемонијата, ставајќи го централниот дел на градот во карантин поради стравувањата од можни закани и напади од групите кои пред две недели упаднаа во Конгресот.

    Спротивно на традицијата, Доналд Трамп го напушти Вашингтон во пресрет на инаугурацијата, па меѓу гостите од бившите претседатели беа Барак Обама, Бил Клинтон и Џорџ Буш, исто како и сега веќе бившиот потпретседател Мајк Пенс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира