ДЕМОКРАТИТЕ СЕ ВРАТИЈА НА ВЛАСТ ВО ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ И ЈА УКИНАА ОДЛУКАТА ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ВЛАДАТА

    ДЕМОКРАТИТЕ СЕ ВРАТИЈА НА ВЛАСТ ВО ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ И ЈА УКИНАА ОДЛУКАТА ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ВЛАДАТАНенси Пелоси по осум години се враќа на функцијата спикер на Конгресот, што ја прави најмоќна жена во САД (Фото: АП)

    Демократите ја повратија власта во Претставничкиот дом во американскиот Конгрес и ја избраа Ненси Пелоси за нов спикер, враќајќи ја на функцијата што, како прва жена во историјата, ја извршуваше од 2007 до 2011 година. Таа освои 220 гласови, наспроти 192 на лидерот на републиканците Кевин Мекарти.

    Една од првите одлуки на новиот состав на Конгресот беше ставање крај на делумното затворање на владата, на што се очекува претседателот Доналд Трамп да стави вето. Трамп ја блокираше работата на владата, откако не му беа одобрени средства за изградба на ѕид долж мексиканската граница, што Пелоси го опиша како „неморален“.

    Буџетот што го усвои Претставничкиот дом ќе овозможи непречена работа на агенциите за национална безбедност до 8 февруари, како и на неколку други институции до септември. Сепак, за да стане закон, тој треба да биде одобрен од Сенатот, а потоа потпишан и од Трамп.

    Републиканците сè уште имаат мнозинство во Сенатот и лидерот на мнозинството Мич Мекконел кажа дека тие нема да поддржат ниту една мерка што не ја одобрува Трамп.

    Трамп ѝ честиташе на 78-годишната Пелоси на повторниот избор.

    „Тоа е многу, многу големо постигнување и се надевам дека ќе работиме заедно“, кажа тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира