Демонстрант си ја запали раката откако се стрча на теренот и на кратко ја прекина играта на тенискиот турнир Купот Лејвер во „О2 арената“ во Лондон.
Младиот маж, кој носеше маица со натписот „End UK private jets“, беше отстранет од теренот од обезбедувањето, по што беше уапсен. Тој самиот го изгасна пламенот од раката, но притоа малку ја запали и подлогата.
Инцидентот се случи пред вториот сет од мечот помеѓу Стефанос Циципас и Диего Шварцман.
„Се појави од никаде. Никогаш не сум слушнал за ваков инцидент на тениски терен. Се надевам дека е добро“, изјави Циципас.
На истиот турнир Роже Федерер ќе го одигра последниот меч во својата кариера.