ДЕМОНСТРАНТИ ВО КУБА ДЕМОЛИРАА ЗГРАДА НА КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА ПО ПРОТЕСТИТЕ ПОРАДИ ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА И РЕСТРИКЦИИТЕ НА СТРУЈАТА

    ДЕМОНСТРАНТИ ВО КУБА ДЕМОЛИРАА ЗГРАДА НА КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА ПО ПРОТЕСТИТЕ ПОРАДИ ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА И РЕСТРИКЦИИТЕ НА СТРУЈАТАНа социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како луѓето извикуваат „слобода“ додека кршат прозорци на државни установи, меѓу кои и аптека и маркет. (Фото: Икс)

    Група кубански граѓани демолираа зграда на Комунистичката партија во градот Морон, по протестите поради високите цени на храната и секојдневните прекини во снабдувањето со електрична енергија. Кубанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека пет лица се уапсени откако по синоќешниот собир со камења влегле во просториите на партијата и подметнале пожар на улица со мебел од објектот.

    На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како луѓето извикуваат „слобода“ додека кршат прозорци на државни установи, меѓу кои и аптека и маркет. Незадоволството кај населението расте бидејќи државата се соочува со недостиг на храна, гориво и лекови, а главниот град Хавана е под редукции на струја и до 15 часа дневно.

    Претседателот Мигел Дијаз-Канел изјави дека поплаките на граѓаните се легитимни и дека долгите прекини на струја предизвикуваат вознемиреност, но рече дека вандализмот нема да се толерира. Тој ја обвини американската нафтена блокада за кризата, тврдејќи дека во земјата три месеци не е влезено гориво. Според него, САД сурово ја засилиле блокадата во последните месеци за да предизвикаат колапс на економијата.

    Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Куба е во длабоки проблеми и се закани со „пријателско преземање“ на власта. САД ги блокираа пратките со нафта од Венецуела, кои покриваа половина од потребите на Куба, и најавија царини за секоја земја што ќе му продава нафта на островот.

    Иако кубанскиот устав од 2019 година го гарантира правото на демонстрации, јавните протести се реткост бидејќи законот со кој се дефинира ова право сè уште не е донесен во собранието. Последниве недели Кубанците протестираат со тропање во тенџериња, а минатата недела и студентите од Универзитетот во Хавана излегоа на улица поради прекините во наставата предизвикани од енергетската криза.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира