Српската полиција употреби солзавец и палки и на втората вечер од протестите во Белград, поттикнати од вчерашната најава на претседателот Александар Вучиќ дека ќе врати полициски час и други рестриктивни мерки поради кризата со коронавирусот. На улиците на Белград се распоредени и оклопни полициски возила.
Освен Белград, денеска се протестира и на улиците на Ниш, Крагуевац и Нови Сад, каде што беа каменувани зградата на државната телевизија и просториите на Српската напредна партија.
Во почетокот мирниот протест пред зградата на српскиот парламент се вжешти откако беа фрлени факели и шишиња кон полицијата, која возврати со солзавец. Како што објави „Н1“, жандармеријата потоа тргна во јуриш и со палки ги растера демонстрантите, меѓу кои има повредени, вклучувајќи го и лидерот на партијата Двери, Бошко Обрадовиќ.
Претходно беше нападнат и Сергеј Трифуновиќ, актер и лидер на Движењето на слободни граѓани.