Референдумот за независна Каталонија се претвори во крвава недела, откако 761 лице беше повредено во судирите на полицијата и гласачите, кои излегоа на избирачки места во голем број, иако шпанската влада го забрани тоа.
Шпанската полиција и цивилната гарда интервенираа откако автономната каталонска полиција не го спречи гласањето во утринските часови, при што употребија гумени куршуми и палки.
Каталонското министерство за здравство објави дека само во Барселона има 335 повредени, додека портпаролот на локалната влада, Жорди Турул, изјави дека полицијата со употреба на сила затворила 319 избирачки места.
„Тоа е скандал и дивјаштво, вистински меѓународен срам“, изјави Турул.
Гласањето и официјално заврши во 20 часот, при што гласачките кутии биле однесени на тајни локации.
Веднаш потоа, премиерот Маријано Рахој одржа прес-конференција.
„Денеска не се одржа никаков референдум во Каталонија. Мнозинството Каталонци не сакаа да учествуваат во него и со тоа го почитуваа законот. Шпанците го почитуваат тоа. Референдумот кој доведе до несакани ситуации не успеа, но предизвика сериозна штета на соживотот. Отворен сум за разговор, но во рамките на правните граници“, кажа Рахој, додавајќи дека сите акции на шпанската влада, а со тоа и на полицијата, биле во рамките на законот.
Неколкумина левичарски политичари, како и градоначалничката на Барселона, Ада Колау, го повикаа Рахој да поднесе оставка.
„Тој ги премина сите граници. Тој е кукавица, која не се придржува кон своите обврски кон државата и затоа мора да си замине“, изјави Колау, а повици за оставка на премиерот можеа да се слушнат и на централниот плоштад во Мадрид.