Девет од десет луѓе во 70 држави со ниски примања најверојатно нема да бидат вакцинирани против ковид-19 следната година бидејќи мнозинството од најветувачките вакцини се купени од западните земји, предупреди алијансата „Пипл‘с ваксин“, во која членуваат неколку меѓународни организации, како Амнести интернешнал.
Додека Велика Британија вчера почна да го вакцинира своето население, „Пипл‘с ваксин“ посочува дека владите на богатите земји на големо купуваат вакцини, оставајќи ги сиромашните држави во немилост на вирусот.
„Богатите земји со 14% од светското население имаат обезбедено 53% од севкупното количество на најразвиените вакцини против ковид-19. Само Канада има нарачано толку многу вакцини што пет пати ќе може да го вакцинира своето население. Ако нешто не се смени драстично, милијарди луѓе нема да добијат безбедна и ефективна вакцина против ковид-19“, вели алијансата.
Речиси целото количество од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ ќе оди во богатите земји, откако западот купил 96% од дозите, а вакцината на „Модерна“ исто така е целосно наменета за богатите земји. Двете вакцини се доста скапи и мора да се складираат на ултраниски температури, што ги прави потешко достапни за сиромашните држави.
Оксфорд и „АстраЗенека“ кажаа дека 64% од нивната вакцина ќе оди во земјите во развој, што беше поздравено од алијансата, со напомена дека една компанија не е доволна за да го снабди целиот свет.
„Во најдобар случај, тие може да допрат до 18% од светската популација следната година“, велат од „Пипл‘с ваксин“.