Турските власти уапсија девет лица во врска со вчерашниот смртоносен пожар во хотел во скијачкиот центар Карталкаја во северозападна Турција, во кој според последните информации загинаа 76 луѓе, а десетици се повредени.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја кажа дека 45 тела им се предадени на семејствата, а за останатите жртви и натаму трае процес на идентификација. Познато е дека меѓу загинатите има и малолетници, вклучувајќи десетгодишник кој тренирал пливање.
Пожарот избувнал околу 3:30 часот по локално време во ресторанот на четвртиот спрат на 12-катниот хотел „Гранд Картал“ и со голема брзина се проширил кон погорните катови. Властите кажаа дека во тој момент во хотелот имало 238 гости.
Министерот за здравство Кемал Мемисоглу изјави дека од 51 повреден, 17 се пуштени од болница, а едно лице е на интензивна нега. Властите кажаа дека најмалку две лица загинале кога скокнале од зградата во паника. Локалните медиуми објавија дека дизајнот на хотелот, чија фасада беше обложена со дрво, можеби придонесол за брзото ширење на огнот. Причината за пожарот и натаму не е позната.
Поради оддалеченоста на Карталкаја од градот Болу, на пожарникарите им требал повеќе од еден час да стигнат. Некои гости изјавиле дека во хотелот не се огласил противпожарен аларм и се движеле снаоѓајќи се низ темните ходници исполнети со чад. Меѓу уапсените е и сопственикот на хотелот, во кој инспекција последен пат била лани.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган прогласи ден на жалост поради трагедијата, која се случи на врвот на зимската туристичка сезона во земјата, кога учениците се на распуст.