Новозеландската премиерка Џасинда Ардерн повика на глобална борба против расистичката крајнодесничарска идеологија, додека во Крајстчрч почнаа да се погребуваат 50-те жртви на петочниот терористички напад во две локални џамии. Таа се врати во градот за да им оддаде почит на убиените и први кои беа погребани беа татко и син, бегалци од Сирија.
Во интервјуто за Би-Би-Си, Ардерн ја отфрли идејата дека порастот на имиграцијата го засилува расизмот.
„Напаѓачот беше австралиски државјанин, но тоа не значи дека немаме ваква идеологија и во Нов Зеланд. Имаме одговорност да го искорениме десничарскиот екстремизам таму кадешто постои и да се погрижиме веќе никогаш да не создадеме опкружување во кое би се развивал. Но, тоа мора да биде глобална борба. Тој што го изврши нападот во Нов Зеланд пораснал и ја научил таа идеологија на друго место“, изјави Ардерн.
Таа го посети и училиштето во коешто учеле двајца од загинатите.
„Ќе ми треба помош од секој од вас, нема да можам сама да се ослободам од работи како омраза и расизам. Затоа, бидете единствени, покажете љубов и дозволете Нов Зеланд да биде место кадешто никогаш нема да се толерира расизам“.