Џо Бајден изјави дека нема да прави предизборни митинзи за време на пандемијата на коронавирусот.
„Мислам дека ова е најнеобичната кампања во модерната историја“, кажа Бајден.
Неговиот ривал Доналд Трамп се соочи со слаба посетеност на неодамнешниот митинг во Тулса и од неговата кампања засега немаат најавено нови митинзи. Според последните анкети, Бајден има речиси двоцифрено водство над Трамп во пресрет на изборите на 3 ноември.
„Ќе ги почитувам препораките на лекарите, не само заради мене, туку и заради целата земја, а тоа значи дека нема да одржуваме митинзи“, изјави Бајден, додавајќи дека досега не се тестирал за коронавирус.
Тој досега малку се појавуваше во јавност и главно даваше интервјуа од импровизираното ТВ-студио во својот подрум.