ЏОНИ ДЕП ГО ДОБИ СУДСКИОТ СПОР ЗА КЛЕВЕТА ПРОТИВ БИВШАТА СОПРУГА АМБЕР ХЕРД, ЌЕ ДОБИЕ ОТШТЕТА ОД 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

    ЏОНИ ДЕП ГО ДОБИ СУДСКИОТ СПОР ЗА КЛЕВЕТА ПРОТИВ БИВШАТА СОПРУГА АМБЕР ХЕРД, ЌЕ ДОБИЕ ОТШТЕТА ОД 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИДеп ја тужеше Херд за колумната во која таа го обвини за семејно насилство (Фото: АП)

    Џони Деп го доби судскиот спор против бившата сопруга Амбер Херд која ја тужеше за клевета поради колумната во „Вашингтон пост“ во која таа го обвини за семејно насилство.

    Поротата заклучи дека обвинувањата на Херд против Деп не биле целосно докажани и му додели отштета на актерот од 15 милиони долари. Деп ја тужеше Херд за 50 милиони долари.

    Во декември 2018, „Вашингтон пост“ објави колумна од Херд, во која таа се опиша себеси како „јавна личност која искусила семејно насилство“, без притоа да наведе имиња. И покрај тоа, Деп тврдеше дека колумната му ја упропастила кариерата и непоправливо му го нарушила угледот, па поднесе тужба во 2019.

    Судењето во Вирџинија, на кое сведочеа и познати личности, ја забавуваше јавноста месец и пол, при што се изнесуваа пикантерии од нивниот приватен живот, а Деп и Херд меѓусебно се обвинуваа за злоставување.

    Адвокатите на Деп ја обвинија Херд дека ја одиграла најдобрата улога во животот со своите описи на наводните злоставувања. Бившиот терапевт на двојката сведочеше дека во нивната врска имало заемно злоставување.

    „Не можам да го опишам разочарувањето што го почувствував денеска. Планина од докази не беше доволна против непропорционалните моќ и влијание на мојот бивш сопруг. Скршена сум. Оваа пресуда е голем чекор назад за сите жени. Тажна сум што го изгубив случајот, но уште потажна зашто го изгубив правото што мислев дека го имам како Американка – да зборувам слободно и отворено“, изјави Херд, која беше во брак со Деп само 15 месеци.

    Во исто време, таа ќе добие отштета од два милиона долари откако поротата утврдила дека Деп ја оклеветил преку нејзиниот адвокат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира