ЏОНСОН НА КРАЈОТ ПАДНА ПОРАДИ СЕКСУАЛНИ СКАНДАЛИ НА НЕГОВ БЛИЗОК СОРАБОТНИК

    ЏОНСОН НА КРАЈОТ ПАДНА ПОРАДИ СЕКСУАЛНИ СКАНДАЛИ НА НЕГОВ БЛИЗОК СОРАБОТНИКЏонсон планира да остане премиер до есен, до изборот на новото водство на Конзервативната партија (Фото: АП)

    Бројни скандали го обележаа премиерскиот мандат на Борис Џонсон, кој траеше нешто повеќе од 1.000 дена, но на крајот ја изгуби функцијата поради еден погрешен кадровски потег.

    Досега невидената политичка криза во Велика Британија почна завчеравечер, кога влијателните министри за финансии и здравство, Саџид Џавид и Риши Сунак, поднесоа оставка поради скандалот со пратеникот Крис Пинчер.

    Конечниот пад на Џонсон, кој пред само еден месец преживеа гласање за доверба, почна откако се дозна дека тој знаел за обвинувањата за недолично сексуално однесување против Пинчер кога го назначи за заменик-шеф на конзервативците во парламентот. Пинчер се повлече од оваа позиција минатата недела по поплаките дека пипкал двајца мажи во приватен клуб, по што на виделина излезе серија стари обвинувања против него.

    Откако Џавид и Сунак кажаа дека веќе не сакаат да бидат дел од оваа влада обремената со скандали, тоа покрена лавина од оставки на министри и други владини функционери, што го стави Џонсон под огромен притисок. До утрово, тој сè уште се бореше да опстане на премиерската функција.

    Џонсон допрва треба официјално да ја соопшти својата оставка, што се очекува подоцна денеска, но трката за негов наследник е веќе почната. Тој планира да остане премиер до есен, односно до изборот на новото водство на Конзервативната партија.

    „Тешко е да се каже кој ќе го наследи Џонсон. Тој не падна поради несогласување со неговата политика, како што беше случај со Тереза Меј во 2019, туку зашто веќе беше невозможно да се работи под него. Затоа нема план за она што следува“, вели политичката уредничка на „Скај њуз“, Бет Ригби.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира