Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ изјави дека е добро што беше откажана посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, зашто и самата најава на неговото доаѓање ја стави Србија во сложена позиција.
Лавров ја откажа најавената дводневна посета на Србија, планирана за 6 и 7 јуни, откако три соседни држави, Македонија, Бугарија и Црна Гора, го затворија својот воздушен простор за неговиот авион. Тој потоа го обвини Брисел за оваа одлука.
„Самата најава на посетата беше комплицирана за Србија и претседателот Вучиќ. Се трудиме да опстанеме во енергетска, финансиска и политичка смисла во овој многу тежок момент и најмалку беше потребно преку наш грб да се решаваат светски проблеми“, изјави Михајловиќ.
Таа потсетува дека често може да се чуе дека Србија и Русија се најголеми пријатели.
„Ако ни се пријатели како што кажуваат, тогаш не требаше да планираат да дојдат во овој момент. Мислам дека е добро што рускиот министер не дојде сега во Србија. Мораме да размислиме за нашиот натамошен пат. Србија јасно се определи за патот кон ЕУ, како што кажа и претседателот Вучиќ“, кажа Михајловиќ.