Дојави за поставени бомби на 12 локации низ Белград пристигнале на адреса на неколку српски медиуми, потврди и министерството за внатрешни работи. Српските медиуми јавуваат дека станува збор за 50 бомби.
Во дојавите стоело дека девет бомби се поставени во еден студентски дом, 17 во трговскиот центар „Ушќе“ и девет на аеродромот „Никола Тесла“, од кои четири под автомобили на паркингот. Меѓу локациите на кои што наводно се поставени бомби се и Филозофски факултет, земунската болница, зградата на ректоратот и обложувалници.
Дојавите биле проследени и со заканувачки пораки „дека ќе има крв до лакти“, објави весникот „Блиц“, на чиј мејл исто така пристигнале. Српскиот МВР објави дека увидот е во тек.
Во изминатите денови имаше неколку дојави за поставени бомби низ Белград, за кои се покажа дека се лажни.