Јапонската владејачка партија го избра Јошихиде Суга за свој нов лидер, со што речиси сигурно ќе стане и нов премиер. Тој доаѓа на местото на Шинзо Абе, кој неодамна поднесе оставка поради здравствени причини.
Седумдесет и едногодишниот Суга досега беше генерален секретар на владата и се очекува парламентот в среда да го потврди како нов премиер. Ова е извесно бидејќи Либерално-демократската партија има мнозинство во парламентот. Суга треба да го доврши мандатот на сегашната влада, кој трае до изборите во септември 2021.
Суга, кој е син на одгледувач на јагоди, е ветеран во јапонската политика и се очекува да ги продолжи политиките на својот претходник.