Движењето пет ѕвезди и досегашната опозициска Демократска партија се согласија да формираат нова владејачка коалиција во Италија, нанесувајќи ѝ голем удар на крајнодесничарската партија Лига на Матео Салвини, кој се надеваше на нови избори.
Двете партии влегоа во преговори иако беа политички противници, при што се договорија Џузепе Конте, кој поднесе оставка минатата недела по судирот со Салвини, да остане премиер. Неговата оставка доведе до растурање на коалицијата Пет ѕвезди-Лига, поради што Салвини притискаше за нови избори, охрабрен од големиот успех на неодамнешните избори за Европски парламент. Неговиот план пропадна откако Лига беше исклучена од формирањето на нова влада.
„Оваа коалиција е пресвртна точка за Италија. Ова не е само обично предавање на власта. Ние ја сакаме Италија и веруваме дека вреди да се проба ваков експеримент“, изјави лидерот на Демократската партија, Никола Ѕингарети.
Салвини, кој досега беше вицепремиер и министер за надворешни работи, имаше жесток одговор на новата коалиција.
„Единственото нешто што ги обединува М5С и ПД е нивната омраза кон Лига. Вистината е дека 60 милиони Италијанци се држат како заложници од 100 пратеници, кои се плашат да ги изгубат своите столчиња“, кажа Салвини.