ДРОНОВИТЕ КОИ ЈА НАПАДНАА МОСКВА ЛЕТАЛЕ ПРЕНИСКО ЗА ДА БИДАТ ЗАБЕЛЕЖАНИ, КИЕВ НЕ ЈА ПРЕЗЕДЕ ОДГОВОРНОСТА, НО ВЕЛИ ДЕКА УЖИВА

    ДРОНОВИТЕ КОИ ЈА НАПАДНАА МОСКВА ЛЕТАЛЕ ПРЕНИСКО ЗА ДА БИДАТ ЗАБЕЛЕЖАНИ, КИЕВ НЕ ЈА ПРЕЗЕДЕ ОДГОВОРНОСТА, НО ВЕЛИ ДЕКА УЖИВАВо нападот се оштетени неколку згради (Фото: АП)

    Дроновите со кои утрово беше нападната Москва не ги активирале системите за воздушна тревога зашто летале на прениска височина, изјави генерал-полковникот на руската војска Виктор Соболев. Тој побара модернизирање на системите, со цел вакво нешто да не се повтори.

    „Владата мора да создаде нови системи за следење за да се детектираат напади од ниска височина“, изјави Соболев, кој е член на одбранбениот комитет на рускиот парламент.

    Украина не потврди дека го извела нападот, но советникот на Зеленски, Михајло Подољак, кажа дека уживаат во глетката и процени дека ќе ги има уште.

    Руското министерство за одбрана соопшти дека во најголемиот напад на Москва од Втората светска војна учествувале осум дронови, при што биле оштетени неколку згради, но нема сериозно повредени. Кремљ тврди дека нападот е одговор на Киев на последните руски напади на Украина. Само овој месец имаше 17 воздушни напади на Киев, од кои три во последните 24 часа.

    „Јасно е дека зборуваме за одговор на киевскиот режим на нашите многу ефективни напади на командни центри во Украина. Претседателот Путин е известен за денешниот напад и засега не планира да даде свој коментар“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

    Се верува дека нападот бил извршен со дроновите „УЈ 22“, кои се производство на украинската компанија „Укрџет“. Имаат дострел од 800 километри, можат да летаат шест часа и да носат смртоносен товар од 20-ина килограми. Еден ваков дрон во февруари се урна на 100 километри од Москва.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира