Европската комисија изрази загриженост откако Велика Британија приведе европски државјани кога сакале да влезат во земјата без работна виза или дозвола за престој и ги смести во имиграциски центри.
Ова следува откако минатата недела 30 државјани на ЕУ, вклучувајќи Германци, Грци, Италијанци, Романци и Шпанци, биле приведени на британската граница и задржани седум дена во имиграциски центри, пред да бидат вратени во своите земји. Ова го отсликува третманот со кој државјаните на земјите надвор од ЕУ долго време се соочуваат во слична ситуација. Дипломатите велат дека станува збор главно за млади луѓе кои сакале да најдат краткорочна работа со мали вештини.
„Ова се чини не е генерализиран тренд, имајќи предвид дека се однесува на мал број државјани на ЕУ. Сепак, Делегацијата на ЕУ во Лондон будно го следи случајот, при што најмногу загрижуваат условите и времетраењето на задржувањето“, изјави портпарол на Европската комисија.
После брегзит, државјаните на ЕУ веќе не можат да влегуваат во Британија заради работа доколку немаат виза или регулиран престој од порано. Тие можат да влезат без виза само туристички и притоа смеат да останат најмногу 180 денови.