ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ДОМИНИК ПЕЛИКО, КОЈ 10 ГОДИНИ ЈА ДРОГИРАЛ СОПРУГАТА ЖИЗЕЛ И ЈА ИЗНАЈМУВАЛ ЗА СИЛУВАЊЕ, И 50 СИЛУВАЧИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИ

    ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ДОМИНИК ПЕЛИКО, КОЈ 10 ГОДИНИ ЈА ДРОГИРАЛ СОПРУГАТА ЖИЗЕЛ И ЈА ИЗНАЈМУВАЛ ЗА СИЛУВАЊЕ, И 50 СИЛУВАЧИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ВИНОВНИЖизел Пелико стана симбол на борбата против сексуално насилство зашто одби судењето да се одвива зад затворени врати (Фото: Гети)

    Дваесет години затвор доби Французинот Доминик Пелико, кој десет години ја дрогирал својата сега веќе бивша сопруга Жизел и ја изнајмувал на странци да ја силуваат и злоставуваат. Судот во Авињон го прогласи Пелико за виновен за тешко силување, правење и ширење фотографии и снимки од Жизел Пелико и за правење и дистрибуирање сексуални снимки од неговата ќерка Каролин и од сопругите на двајцата синови, ставајќи крај на случајот што ја шокираше не само Франција, туку и целата светска јавност.

    Пресуда за тешко силување добија и останатите 50-мина мажи на кои им се судеше. Тие добија затворски казни во распон од 15 до три години.

    Пелико претходно ги призна обвиненијата, а најголем дел од останатите обвинети, кои се на возраст од 25 до 74 години, го признаа злоставувањето на Жизел Пелико, но не и силување, тврдејќи дека мислеле оти учествуваат во фантазиите на двојката.

    Жизел Пелико стана меѓународна феминистичка икона и симбол на борбата против сексуално насилство зашто не сакаше да го крие својот идентитет и одби судењето да се одвива зад затворени врати. Се согласи да бидат прикажани и видеоснимки од злоставувањата што Доминик ги снимал додека таа била онесвестена.

    Таа дознала за силувањата дури во 2020. Сѐ почнало кога полицијата покренала истрага против нејзиниот сопруг во септември таа година откако бил фатен како тајно снима под здолништата на три жени во трговски центар. При пребарувањето на неговиот компјутер биле пронајдени илјадници фотографии и видеа од Жизел во видно онесвестена состојба. Тие прикажувале десетици случаи на силување во домот на двојката во Мазан, село со 6.000 жители, оддалечено 40 километри од Авињон.

    Злоставувањата почнале во 2011, кога двојката живеела во Париз и продолжиле откако се преселила во Мазан две години подоцна. Доминик учествувал во силувањата така што снимал и ги охрабрувал другите мажи да користат вулгарни зборови.

    Полицијата открила 92 случаи на силување извршени од 72 мажи, од кои 51 бил идентификуван. Најголем дел од нив учествувале еднаш, а некои и до шест пати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира