Полицијата во Норвешка уапси маж и жена „за кои се знае дека се дел од екстремната десница“, откако киднапирале амбулантна кола, беснееле низ северниот дел на Осло и намерно се втурнале на тротоарот за да ги прегазат пешаците. За време на 15-минутното дивеење, возилото удрило во количка со две седуммесечни близнаци кои се полесно повредени и за малку промашила една постара двојка.
„Она што го знаеме во моментов, што е исклучително сериозно и жално, е дека според очевидците сторителот го возел возилото кон тротоарот со цел да прегази случајни минувачи“, рече заменик-началникот на полицијата Јохан Фредриксен.
32-годишниот маж и 25-годишната жена се обвинети за обид за убиство и поседување огнено оружје. Според полицијата, мажот при грабнувањето на брзата помош употребил пушка узи и пиштол. Полицијата кај нив открила и дрога.
Двојката го украла возилото во 12.30 часот, а потоа тргнале на она што очевидците го опишале како „лудo возење“ низ улиците на северната област Торшов. Според весникот Дагбладет, полицијата испукала десет истрели кон брзата помош. Потоа возилото се удрило во зграда, по што полицијата ја разбила шофершајбната и го извлекла возачот неповреден. Жената е уапсена во 16 часот, по потерата во центарот на Осло.