Двајца службеници на израелската амбасада во САД се убиени пред Еврејскиот музеј во Вашингтон. Напаѓачот е уапсен и идентификуван како 30-годишниот Елијас Родригес од Чикаго, кој при приведувањето извикувал „Слобода за Палестина“.
„Осомничениот немал претходен контакт со полицијата. Не гледаме ништо во неговата позадина што би го ставило на нашиот радар“, кажа шефицата на полицијата на Вашингтон, Памела Смит.
Таа додаде дека Родригес бил забележан пред музејот пред пукањето, а по нападот влегол во музејот, каде што бил совладан од обезбедувањето.
Од израелската амбасада кажаа дека убиените маж и жена биле млада двојка, која планирала наскоро да се сврши и венча. Нивните имиња не се објавени. Претседателот Доналд Трамп ги осуди убиствата.
„Овие ужасни убиства во Вашингтон засновани врз анисемитизам мора да запрат веднаш. За омразата и радикализмот нема место во САД“, кажа Трамп.
Портпаролот на израелската амбасада во САД Тал Наим Коен изјави дека двајцата службеници биле застрелани одблиску додека заминувале од настан во музејот. Израелскиот амбасадор во Обединетите нации Дени Данон го опиша нападот како чин на антисемитски тероризам.
Нападот го осуди и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој кажа дека им наложил на израелските дипломатски мисии низ светот да го засилат обезбедувањето.