Едно дете и еден возрасен се во тешка состојба откако автомобил влета меѓу луѓето кои ја славеа шампионската титула на фудбалерите на Ливерпул на улиците на градот. Инцидентот, во кој се повредени вкупно 50-ина луѓе, од кои 27 се примени во болница, се случи при крајот на парадата, на која присуствуваа десетици илјади граѓани.
Полицијата кажа дека е уапсен „53-годишен бел маж од областа на Ливерпул“, за кој се верува дека го возел автомобилот. Меѓу повредените се и четири деца.
Видеоснимки објавени на социјалните мрежи покажуваат луѓе како паѓаат наоколу откако автомобил удира во масата. По запирањето на автомобилот, гневните фанови се собираат околу него и ги кршат прозорците, пред да интервенира полицијата, спречувајќи ги да дојдат до возачот.
„Веруваме дека ова е изолиран инцидент и не бараме никој друг во врска со него. Инцидентот не се третира како тероризам“, изјави заменичката на шефот на полицијата на Ливерпул, Џени Симс.
Стотици илјади луѓе излегоа на улиците вчера за да ја прослават 20. шампионска титула на Ливерпул, на која фудбалерите парадираа со пехарот.
„Инцидентот фрли многу мрачна сенка врз она што беше радосен ден“, изјави претседателот на градскиот совет Лијам Робинсон.
Полицијата невообичаено брзо даде опис на уапсениот маж за да се спречат шпекулации дека можеби станува збор за исламистички напад.