Евакуација на индустриска зона и шест села во близина на градот Мегара западно од Атина беше наредена денеска, додека стотици противпожарни екипи трет ден се борат да сопрат голем шумски пожар кој уништи илјадници хектари шума и десетици домови.
Две лица се уапсени под сомнение дека од небрежност го предизвикале пожарот. Според истрагата на противпожарната служба, извршен е увид на видеоснимки од местото каде што почнал огнот и се земени изјави од сведоци. Инспекторите заклучиле дека пожарот го предизвикале искри од кабли кои пренесувале струја од приватен парк за ветерници до дистрибутивната мрежа во регионот Беотија. Осомничените се електроинженер одговорен за проектот и лицето задолжено за поставување на каблите. Двајцата се соочуваат со кривични пријави за предизвикување пожар со можна умисла, а полицијата го бара и сопственикот на паркот за ветерници.
Силните и променливи ветрови продолжуваат да го отежнуваат гаснењето, додека властите се во висока подготвеност за нови пожари во поширокиот регион на Атина, кој заедно со островот Евија се наоѓа во четврта категорија на ризик од пожари.
Пожарот што започна во петокот кај Агиос Василиос, а во саботата се прошири источно кон крајбрежниот град Порто Гермено на околу 70 километри западно од Атина, денеска се движеше кон Мегара. Околу 500 пожарникари со 134 противпожарни возила се обидуваат да го спречат ширењето.
Наредена е евакуација на индустрискиот парк во Мегара, како и на населбите Кандили, Агија Скепи, Тутули, Неа Дафни, Пефкенеас и Агиос Сарантис. Државната телевизија ЕРТ објави дека во Порто Гермено се уништени или оштетени околу 200 домови, а изгореа околу 10,000 хектари шума и нискостеблеста вегетација.
Осум авиони за гаснење пожар се приклучија на операцијата во зората, но нивните напори беа отежнати од ветровите кои дуваа со брзина од над 100 километри на час. На копно помагаат и две екипи од по 23 пожарникари со четири возила од Франција и Романија.



