ДВАЈЦАТА АСТРОНАУТИ ЗАГЛАВЕНИ ВО ВСЕЛЕНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ИМ Е ТЕШКО ШТО КАПСУЛАТА НА „БОИНГ“ ЗАМИНА БЕЗ НИВ

    ДВАЈЦАТА АСТРОНАУТИ ЗАГЛАВЕНИ ВО ВСЕЛЕНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ИМ Е ТЕШКО ШТО КАПСУЛАТА НА „БОИНГ“ ЗАМИНА БЕЗ НИВСуни Вилијамс и Буч Вилмор место планираните осум дена, ќе останат осум месеци на Меѓународната вселенска станица. (Фото: НАСА)

    Астронаутите заглавени во вселената, Буч Вилмор и Суни Вилијамс, синоќа рекоа дека им е тешко да се справат со тоа што леталото на „Боинг“ замина без нив и со можноста дека ќе поминат неколку дополнителни месеци во орбитата. Тоа беа нивните први јавни коментари по минатонеделното враќање на капсулата „Боинг Старлајнер“ што ги однесе до Меѓународната вселенска станица (МВС) во јуни. Тие останаа на МВС откако НАСА утврди дека проблематичната капсула претставува преголем ризик за да се врати на Земјата сосе нив. Нивната осумдневна мисија сега се очекува да трае повеќе од осум месеци.

    „На моменти беше тешко. Тешко беше“, рече Вилмор зборувајќи на висинска далечина од 420 километри. Како пилоти на вселенски летала, „не сакате да го видите како леталото заминува без вас, но токму тоа се случи“.

    Иако никогаш не очекуваа дека ќе бидат таму речиси една година, како први тест пилоти на „Старлајнер“ тие знаеја дека може да има проблеми што би можеле да го одложат нивното враќање.

    „Така е тоа во оваа работа“, рече Вилијамс.

    Вилмор и Вилијамс сега се полноправни членови на екипажот на станицата, кои се занимаваат со рутинско одржување и експерименти. Вилијамс ќе ја преземе командата со вселенската станица за уште неколку недели, им рече Вилмор на новинарите на прес-конференцијата, која е нивна втора средба со медиумите по лансирањето од Флорида на 5 јуни. Дуото, заедно со уште седуммина на МВС, оваа недела го пречека вселенското летало „Сојуз“ со двајца Руси и еден Американец, со што привремено ја зголеми популацијата на станицата на 12, што е речиси рекорд. И уште двајца астронаути ќе летаат на „СпејсИкс“ подоцна овој месец; две капсулни места ќе останат за враќање на Вилмор и Вилијамс.

    Преминот кон живот на станицата „не беше толку тежок“ бидејќи и двајцата претходнно престојувале таму, рече Вилијамс, која има два долги престои во вселенската станица пред неколку години.

    „Ова е моето среќно место. Сакам да бидам овде горе во вселената“, рече таа.

    Вилмор забележа дека ако не се прилагодил моментално, ама било брзо. Вилијамс е загрижена што губи драгоцено време лице в лице со мајка ѝ. Вилмор нема да биде дома во последната година од средното училиште на неговата најмлада ќерка. Тој само побара гласачко ливче за гласање во отсуство за да може да гласа на ноемвриските претседателски избори во САД од орбитата. И двајцата ја истакнаа важноста од извршување на нивните граѓански должности додека трае нивната мисија.

    Нивната капсула „Старлајнер“ го означи првиот вселенски лет на „Боинг“ со астронаути. Капсулата претрпе серија дефекти на погонот и истекување на хелиум пред да пристигне на вселенската станица на 6 јуни. На враќање, безбедно слета во пустината Ново Мексико претходно овој месец, но напредувањето на „Боинг“ во програмата за комерцијален екипаж на НАСА останува неизвесен.

    Вселенската агенција ги ангажираше „СпејсИкс“ и „Боинг“ за орбитална такси услуга пред една деценија откако шатловите се пензионираа. „СпејсИкс“ лета со астронаути од 2020 година.

    Вилијамс рече дека е возбудена што ќе лета со две различни вселенски летала на иста мисија.

    „Ние сме тестери, тоа е она што го правиме“, рече таа. „Сакавме со ‘Старлајнер’ да ја комплетираме мисијата до крај и да го спуштиме на копно дома“, додаде таа. „Но, треба да свртите нова страницата и да ја видите следната можност“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира