Велика Британија, Израел и Чиле се трите земји кои се издвојуваат по ефективноста на своите програми на имунизација против ковид-19. Сите успеаја да вакцинираат голем процент од своето население, но поминаа различно во контролирањето на болеста.
Израел веќе продолжи со универзитетски предавања, концерти и други масовни собири и ги отвори рестораните и баровите. Во исто време, Чиле се соочува со нов пораст на бројот на новозаразени и со нови рестриктивни мерки.
Околу 37% од населението во Чиле ја има примено првата доза од вакцината, но дневните бројки и натаму се многу високи. Има неколку причини за овој неочекуван скок: ширењето на попреносливиот бразилски сој, големиот број Чилеанци кои патуваат низ земјата и намаленото почитување на социјалното дистанцирање откако вакцинирањето им дало лажно чувство на сигурност на луѓето.
„Мислам дека Чиле ја покажува опасноста од преголемото потпирање на вакцини. Тие се фантастични, но никогаш не се решение само по себе и она што се случува во Чиле треба да послужи како предупредување за Британија. Ширењето на заразата мора да се држи под контрола и додека трае вакцинирањето“, вели англискиот виролог Лоренс Јанг.
За тоа време, Израел покажува колку се важни постојаните планирање и подготвеност. Откако почна со вакцинирањето, земјата покрена низа иницијативи за да го одржи напредокот во борбата против ковид-19. Една од нив е давањето „зелени дозволи“ на оние кои се вакцинирале или ја прележале болеста.
„Иако идејата е контроверзна, тоа им овозможи на студентите да се вратат на предавањата, а професорите можат да предаваат во живо“, вели Линда Болд, професорка по јавно здравје на Универзитетот во Единбург.
Властите исто така воведоа тестирања за антитела за странците кои влегуваат во земјата, а во план е да се вакцинираат и постари деца откако тоа ќе биде одобрено од регулаторите.
„Ова само покажува колку Израел е добар во планирањето“, додава Болд.