ДВИЖЕЊЕТО МАГА НА ТРАМП РАЗОЧАРАНО ШТО ПРВИОТ АМЕРИКАНСКИ ПАПА НЕ СЕ ЗАСТАПУВА ЗА „АМЕРИКА НА ПРВО МЕСТО“

    ДВИЖЕЊЕТО МАГА НА ТРАМП РАЗОЧАРАНО ШТО ПРВИОТ АМЕРИКАНСКИ ПАПА НЕ СЕ ЗАСТАПУВА ЗА „АМЕРИКА НА ПРВО МЕСТО“Папата Лав Четиринаесетти го поддржуваше либералниот папа Фрањо и ја критикуваше политиката на американскиот претседател Трамп на социјалните мрежи. (Фото: АП)

    Католицизмот ретко бил поистакнат во американската политика од сега, бидејќи администрацијата на претседателот Доналд Трамп отворено ги прифаќа советниците и официјалните лица кои гордо велат дека верата ги обликувала нивните ставови. Но, секоја радост за новиот папа на американската десница чие мото е „Да ја направиме Америка повторно велика“ (МАГА) оваа недела брзо исчезна, бидејќи клучните гласови од движењето МАГА на Доналд Трамп дојдоа до разочарувачки заклучок: се чини дека првиот американски папа не се застапува за „Америка на прво место“.

    Малку е познато за политичките наклонетости на папата Лав Четиринаесетти, роден како Роберт Франсис Превост во Чикаго. Тој изрази загриженост за сиромашните и имигрантите, избра име што може да упатува на полиберално црковно раководство и се чини дека го поддржуваше либералниот папа Фрањо и ја критикуваше политиката на американскиот претседател на социјалните мрежи.

    Но, претседателот досега само рече дека изборот на Лав бил „голема чест“ за САД. Сепак, некои од најистакнатите поддржувачи на Трамп брзо го нападнаа папата Лав, критикувајќи го како можен предизвик за Трамп и со перцепцијата дека тој ќе го следи папата Фрањо во области како што е имиграцијата.

    „Мислам дека тоа е некако чудно“, изјави за „Би-Би-Си“ поранешниот главен стратег на Трамп, Стив Банон, зборувајќи за изборот на Лав.

    „Шокантно за мене е тоа што за папа може да се избере еден човек кој имал и изјави на Твитер и други изјави против американски високи политичари“, рече Банон, лојалист на Трамп од твдрата десницата и католик. И тој предвиде дека „дефинитивно ќе има несогласувања“ меѓу Лав и Трамп.

    Братот на папата, Џон Превост, изјави за „Њујорк тајмс“ дека мисли оти брат му ќе ги изрази своите несогласувања со претседателот.

    „Знам дека не е задоволен од она што се случува со имиграцијата. Го знам тоа, всушност. Колку далеку ќе оди со тоа е само претпоставка, но тој нема само да седи мирен. Мислам дека тој нема да биде тивок“, рече тој.

    Податоците од неодамнешните истражувања покажуваат дека околу 20% од Американците се идентификуваат како католици, според непартискиот Истражувачки центар Пју. Околу 53% од нив се идентификуваат или се приклонуваат кон Републиканската партија, иако има и многу нијанси: двајцата католички претседатели на Америка, Џон Ф. Кенеди и Џо Бајден, и двајцата беа демократи. И речиси две третини од американските католици веруваат дека абортусот треба да биде легален во сите или повеќето околности – отстапување од сегашниот став на Црквата. Американските католици, исто така, нашироко го поддржаа папата Фрањо: 78% од анкетираните во февруари позитивно гледаа на него, вклучително и мнозинството католички републиканци.

    Голем број католици во родниот град на новиот папа, Чикаго, во четвртокот изразија разочарување од претседателот Трамп и рекоа дека се надеваат оти папата Лав Четиринаесетти ќе го следи патот на неговиот претходник.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира