ЕДИ РАМА СЕКОЈДНЕВНО ОБЈАВУВА УРИВАЊЕ ДИВОГРАДБИ КОИ УЗУРПИРААТ ЈАВНИ ПОВРШИНИ И ГИ ПОВИКА ГРАЃАНИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТ

    ЕДИ РАМА СЕКОЈДНЕВНО ОБЈАВУВА УРИВАЊЕ ДИВОГРАДБИ КОИ УЗУРПИРААТ ЈАВНИ ПОВРШИНИ И ГИ ПОВИКА ГРАЃАНИТЕ ДА ПРИЈАВУВААТЗа потребите на кампањата, отворена е и веб-страницата „Мој јавен простор“, преку која граѓаните можат да пријават различни видови на узурпација на јавниот простор. (Фото: Фејсбук)

    Албанскиот премиер Еди Рама ја промовира кампањата „Урбана ренесанса 2.0“, чија цел е ослободување на окупираните јавни површини низ земјата како дел од подготовките за членство во Европската Унија до 2030 година. Кампањата вклучува отстранување на времени објекти и огради од тротоарите и други јавни простори, при што општинските власти интервенираат и ги уриваат објектите на оние кои не ги почитуваат наредбите.

    За потребите на кампањата, отворена е и веб-страницата „Мој јавен простор“, преку која албанските граѓани можат да пријават различни видови на узурпација на јавниот простор. Меѓу другото, може да се пријави градење без дозвола, нелегално паркирање, како и физичко или акустично загадување. Досега на страницата се поднесени 424 пријави.

    Премиерот Рама активно ја промовира акцијата на социјалните мрежи, каде секојдневно објавува снимки од уривање на дивоградби. Тој ја опишува кампањата како дел од нова програма за соработка меѓу владата, општините, заедницата и претприемачите.

    „Повеќе слободни простори и помалку загадување во секоја заедница за почеток, а потоа и повеќе зеленило, повеќе катчиња за заедницата, повеќе формализирана економска активност и повеќе европски градови – почисти, поубави, поспремни за Албанија во ЕУ во 2030“, изјави Рама.

    Тој вели дека оваа акција е само почеток во враќањето на просторите што им припаѓаат на граѓаните и ги повика да пријавуваат злоупотреби на „Мој јавен простор“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира