Неидентификувани маскирани мажи утрово ја привеле една од лидерките на белоруската опозиција Марија Колесникова и ја одвеле во непознат правец, објавија локалните медиуми. Сведоци кажаа дека таа била ставена во минибус откако ѝ бил одземен мобилниот телефон.
Ова следува ден по уште едни масовни протести низ Белорусија на кои што се бараше повлекување на долгогодишниот претседател Лукашенко, обвинет за лажирање на последните избори. Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера биле приведени 633 демонстранти.
Полицијата на Минск засега не се огласи за случајот со Колесникова, која најави дека ќе формира нова политичка партија. Таа е последната од трите жени кои се здружија против Лукашенко која остана во земјата, откако Вероника Цепкало и претседателската кандидатка Светлана Тихановскаја избегаа во странство по изборите.
Владата покрена криминален случај против лидерите на опозицијата, обвинувајќи ги дека сакале да ја преземат власта и дека ја загрозиле безбедноста.